Испитувањето на видната острина се врши така што прво се тестира едното око, додека другото око за тоа време е затворено.

Од пациентот се бара да ги чита оптотипите кои окото ги гледа до најдолната линија, која се евидентира. Се запишува последната цела линија, а доколку може да прочита само неколку знака од следната, се запишуваат како плус колку. Ако на пример пациентот гледа 5 реда неговата видна острина е 6/12 во однос на нормалниот визус. Ако гледа 3 знака од 6 ред, се запишува v=6/12+3.

Ако јасно ги распознава сите редови (визус 6/6) значи дека пациентот гледа нормално (постои еметропија) или е лесно далекоглед (постои латентна хиперметропија која е компензирана со акомодацијата).

Процесот на гледање не е чиста математика, така да пациентот што има визус 6/12 нема 50% видна острина. Губењето на видната острина т.е. на централниот вид се смета според процентот на падот на видот на испитуваното око односно на двете очи заедно. Така на пример 6/6, 6/5 и 6/4 представува нормална видна острина. Видната острина од 6/12 представува загуба на видот од 15%, 6/60 загуба од 80%. 6/24-загуба од 40%.

Доколку пациентот не го гледа ни најгорниот ред, го приближуваме поблиску до таблата и ја евидентираме далечината од која што чита (на пример од 3 метри го чита тоа што треба да го чита од 60 метри или 3/60). Доколку не ги чита знаците од ниедна далечина застануваме на одредена далечина и со раширена рака и покажуваме прсти со прашање колку ќе изброи пациентот. Доколку брои, запишуваме БП или брои прсти на одредена далечина. Доколку не брои прсти, ја мафтаме раката и проверуваме дали пациентот ја гледа. Доколку не ја гледа раката насочуваме светлосен извор од 20 cm, оддалеченост и проверуваме дали постои визуелна перцепција на светло.

Доколку го забележи светлото, бележиме дека постои светлосна перцепција. Доколку не постои светлосна перцепција бележиме дека не постои. Во тој случај се работи за слепо или амауротично око (amaurosis).

оптометрист Марија Костуранова